Австралиската полиција официјално го прогласи масовното пукање на плажата Бонди во Сиднеј за терористички напад, откако истрагата откри дека покрај огненото оружје биле подготвени и импровизирани експлозивни направи. Комесарот на полицијата на сојузната држава Нов Јужен Велс, Мал Ланјон, потврди дека специјалната единица за деактивирање експлозиви интервенира на лице место, откако во близина на местото на нападот бил пронајден автомобил за кој постојат сериозни сомнежи дека содржи повеќе импровизирани експлозивни направи.
Возилото било лоцирано на улицата Кембел Парад, недалеку од плажата Бонди, кратко по пукањето. „Нашата единица за отстранување експлозиви е на терен и постапува согласно протоколите. Станува збор за експерти кои ќе ја преземат соодветната акција“, изјави Ланјон, додавајќи дека засега е прерано да се соопштат детали за типот на оружјето што го користеле напаѓачите, освен дека се работи за т.н. долго оружје.
Според најновите официјални податоци, најмалку 12 лица се убиени во нападот, додека 29 лица се пренесени во болници низ Сиднеј, меѓу кои и двајца полициски службеници. Дел од повредените се во сериозна состојба. Полицијата соопшти дека нападот се случил во момент кога на плажата имало над 1.000 луѓе, кои присуствувале на прослава по повод еврејскиот празник Ханука.
Комесарот Ланјон изјави дека нападот официјално е прогласен за терористички акт во 21:36 часот по локално време, со што се активирани и посебни полициски овластувања. Дополнително, тој потврди дека истрагата сè уште трае и дека се разгледува можноста за постоење и на трет сторител. „Ги овластивме сите дополнителни мерки за да спречиме каква било понатамошна закана и да обезбедиме целосна безбедност“, изјави Ланјон.
Австралија е во состојба на длабока тага и шок, додека безбедносните служби продолжуваат со интензивни активности, а јавноста е повикана строго да ги почитува упатствата на полицијата.