Минатогодишната снимка на која се гледа поранешниот директор на УБК и осуденик во предметот „Империја“, Сашо Мијалков, како се движи низ улиците на Монако, повторно се најде во фокусот на јавноста, овојпат во преработена верзија на социјалните мрежи. Профилот на ТикТок „officialstellarspace“ ја реобјави снимката пред два дена, додавајќи наратив во кој се анализира и проценува вредноста на облеката и модните додатоци што Мијалков ги носи во видеото.
Според тврдењата изнесени во преработената снимка, станува збор за комбинација од луксузни парчиња од познати модни брендови, при што поединечните елементи од стајлингот се претставени како исклучително скапи. Во видеото се наведува дека целокупниот изглед достигнува сума која за просечниот граѓанин е недостижна.
Реобјавената снимка за кратко време стана вирална, со над 300.000 прегледи и илјадници споделувања. Дел од тие кои коментираат се воодушевуваат, други критикуваат.
Иако станува збор за стара снимка, нејзината нова интерпретација покажува дека ликот на Мијалков и натаму предизвикува силни реакции, особено кога е поврзан со демонстрација на раскош и луксуз.