Австралиски државјанин е уапсен на аеродромот во Бангкок под сомнение дека е вмешан во убиството на 17-годишна девојка, чие голо тело било пронајдено во куфер во близина на Патаја.
Според тајландската полиција, 46-годишниот Сајмон Карман бил приведен додека се подготвувал да се качи на лет за Перт. Апсењето следувало по истрагата за исчезнувањето на 17-годишната Тајланѓанка Тунчанок Донхомла.
Снимките од безбедносните камери покажуваат дека осомничениот и девојката во раните утрински часови влегле во стан во туристичкиот град Патаја. Неколку часа подоцна, мажот бил забележан како излегува од зградата носејќи голем црн куфер, кој подоцна го превезувал со мотоцикл.
По добиените информации, полицијата побарала од имиграциските служби да го спречат напуштањето на земјата, по што Карман бил приведен на аеродромот Суварнабхуми во Бангкок.
Телото на девојката било пронајдено во петокот во близина на железничка пруга, во куфер оставен во пошумена област. Според локалните медиуми, на телото биле забележани траги од насилство.
Осомничениот ги негира обвинувањата за киднапирање и убиство, но полицијата соопшти дека при апсењето имал видливи гребнатини на вратот и рацете, за кои истражителите сметаат дека можеби настанале за време на борба.
Истражителите сè уште ги чекаат резултатите од обдукцијата и дополнителните докази пред официјално да поднесат обвинение. Според локалните медиуми, против Австралиецот би можеле да бидат покренати обвиненија за убиство, криење тело и киднапирање малолетно лице.