Чувањето на вредните предмети за време на патување е клучно за заслужениот одмор да не се претвори во непријатно искуство. Искусните патници користат различни трикови – од безбедносни катанци до GPS локатори, а една од најчестите практики е завиткување на куферот со пластична фолија, услуга што се нуди и на многу аеродроми. Сепак, безбедносен советник предупредува дека токму овој потег може да ги привлече крадците.
Ед Барнет, поранешен воен полицаец во американската армија и безбедносен советник, вели дека фолијата создава само привид на сигурност, додека во реалност може да предизвика спротивен ефект. Според него, иако фолијата штити од гребнатини и може да спречи подметнување недозволени предмети, таа испраќа порака дека во куферот има нешто вредно. Дополнително, го отежнува брзото проверување на содржината доколку се посомневате дека некој го отворал багажот.
Барнет советува сите вредни и неопходни работи – телефон, документи, пари, накит и лекови – секогаш да се носат во рачниот багаж што патникот го има постојано под надзор. Доколку сепак мора да се стават вредни предмети во куфер што оди во багажниот простор, препорачува тие да се сокријат во секојдневни предмети, како празно шише од крема за сончање или кеса за облека. Тој предупредува дека електричните четки за заби и поскапите полначи често се цел на кражби бидејќи лесно се препродаваат, а патниците доцна забележуваат дека недостигаат.
Според него, и изборот на куфер може да биде сигнал за крадците. Луксузните брендови оставаат впечаток дека и содржината е вредна, додека меките куфери и текстилните торби се најлесни за отворање бидејќи можат едноставно да се пресечат. Побезбедна опција е цврст куфер без впечатливи ознаки на бренд.
Класичните мерки за заштита и натаму имаат одредена корист. Катанците можат да ги одвратат крадците што бараат лесна мета, но Барнет предупредува дека многу патенти на меките куфери може да се отворат со обично пенкало за неколку секунди, што ги прави катанците речиси бескорисни. Пластичните врвки нема да запрат решителен крадец, но можат да послужат како доказ дека куферот бил отвoран.
GPS локаторите, како AirTag, нема да спречат кражба, но можат да помогнат при пронаоѓање на изгубени предмети. Советот е тие да се сокријат добро, на пример во поставата на куферот или во облека, бидејќи крадецот ќе ги фрли веднаш штом ќе ги забележи. Барнет додава дека налепници со ознаки „GPS следење“, „кршливо“ или „камерска опрема“ не помагаат, туку понекогаш дури и привлекуваат внимание, па најдобро е никогаш да не се открива што се наоѓа во багажот.