Настан во училишен двор во Куманово, најавен како „велигденски хуманитарен концерт“, отвори политичка полемика откако на снимки се гледа како стотици деца во еден глас пеат песна посветена на градоначалникот и лидер на ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.
Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, остро реагираше, оценувајќи дека станува збор за злоупотреба на деца за политичка промоција.
„Злоупотреба на деца за политичка промоција е недозволива и срамна. Училиштето мора да биде место за образование, воспитување и вредности, а не сцена за политички кампањи“, напиша Спасовски.
Од Движењето ЗНАМ ги отфрлија обвинувањата, нарекувајќи ги лажни и злонамерни. Оттаму тврдат дека станува збор за хуманитарен настан без никаква принуда или политичка злоупотреба.
„Немало и нема никаква злоупотреба на деца. Овие конструкции се очаен обид за политичка дискредитација“, велат од ЗНАМ.
Според нив, организацијата на настанот била на родители во соработка со уметници и аниматори, а песната што ја изведувале децата, иако беше актуелна за време на локалните избори, ја квалификуваат како авторска, а не како партиска.