По повод Успението на Пресвета Богородица, Бигорскиот Старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, во своето обраќање ја истакна Богородица како симбол на смирение, болка, мајчинска грижа и духовна застапничка на верниците, по целовечерната молитва.
Тој рече дека Богородица „знае што е болка“ и дека токму преку нејзиниот живот, според христијанското учење, верниците добиваат порака дека не се оставени сами во страдањето.
„Имаме Бог кој стана како еден од нас, имаме и Мајка која е поголема од нашите мајки, Мајка на мајките наши и Мајка на сите мајки. Која секогаш ќе нè услишува и која знае што е болка“, рече Партениј.
Во беседата тој посебно се осврна на смирението на Богородица, истакнувајќи дека целиот нејзин живот бил исполнет со жртва и подвиг.
Партениј потсети и на моментот по распетието, кога, според евангелското предание, Христос ја доверува Богородица на Свети Јован Богослов.
Тој го истакна и фактот дека таа потоа живеела во близина на оние што биле меѓу главните противници на нејзиниот син, што, според него, уште повеќе ја покажува големината на нејзиното смирение.
„Нејзиниот живот е смирение. Нејзиниот живот е најголем подвиг. Имаме голема застапница“, рече Партениј.
Тој нагласи дека празникот на Успението не се однесува само на крајот на земниот живот на Богородица, туку и на надежта во воскресението и вечниот живот.
Според него, Успението е потсетник дека еден ден душата и телото повторно ќе се соединат и дека верниците се повикани да живеат со вера во Царството Небесно.
Партениј ја опиша Богородица како „Мајка на сиот свет“ и како онаа што, според црковното учење, им помага на луѓето да истраат во духовниот подвиг и да станат вистински следбеници на Христос.
На крајот од беседата тој упати молитва за сите оние кои имаат потреба од помош, утеха и закрила.
„Нека нејзините молитви нè закрилуваат, не само нас што стоевме на ова целовечерно бдение, туку и сите ваши блиски кои имаат потреба“, рече тој.
Партениј порача и дека светот денес има особена потреба од повеќе покајание, молитва и духовен подвиг.
„И доколку има покајници повеќе, и молитвеници, и луѓе кои се потвизуваат, бидете сигурни дека и овој свет ќе биде подобар. Во тоа најмногу може да ни помогне Пресветата Владица наша Богородица“, порача Епископот Антаниски г. Партениј.