На прес-конференција, Маја Борозан денеска обвини дека состојбата со водата за пиење во Гостивар и понатаму е сериозна, посочувајќи дека официјалните резултати од анализите ќе бидат познати дури на 20 август.
Борозан изјави дека, според партијата, илјадници граѓани се соочиле со последици од загадената вода, обвинувајќи ги Владата и надлежните институции за, како што рече, колапс на системот.
Од СДСМ прашаа врз основа на кои анализи водата била прогласена за „технички исправна“ и безбедна за користење, ако официјалните лабораториски резултати ќе бидат готови дури на 20 август.
Партијата се повика и на изјави на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, оценувајќи дека постојат контрадикторни информации околу квалитетот на водата.
Воедно, СДСМ тврди дека загадената вода стигнала и до гостиварската болница, оценувајќи дека станува збор за сериозен институционален пропуст.
Партијата ја обвини Владата и дека преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) склучила договор вреден околу 100.000 евра за набавка на вода со директно договарање, без јавен оглас.
Од СДСМ побараа Јавното обвинителство да отвори истрага и да утврди одговорност за случајот, а политичка одговорност побараа од министерот за здравство Сашо Клековски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и останатите надлежни институции.