Владата донесе Одлука за престанок на мандатот на градоначалникот на Општина Брвеница, со што се создаваат законските предуслови за спроведување на постапката за избор на нов градоначалник, соопшти владината портпаролка Марија Митева.
Како што информираше, на денешната владина седница била разгледана и усвоена информацијата доставена од Министерството за локална самоуправа, откако претходно било добиено известување од претседателот на Советот на Општина Брвеница за настапување законски основ за предвремен престанок на мандатот.
Според Митева, Министерството за локална самоуправа ја започнало постапката согласно законските обврски, поради околност што, според Законот за локалната самоуправа, доведува до престанок на мандатот по сила на закон.
Таа потсети дека Министерството е должно во рок од 15 дена од приемот на известувањето да ја информира Владата, а Владата потоа во рок од 30 дена ја започнува постапката за распишување нови избори за градоначалник.
„Владата ја усвои информацијата и донесе Одлука за престанок на мандатот на градоначалникот на Општина Брвеница, со што се создаваат законските предуслови за спроведување на понатамошната постапка согласно важечките прописи и рокови“, изјави Митева.