Во Појасот Газа е регистриран значителен пораст на пријавите за насилство врз жените и девојчињата, а особено загрижува зголемувањето на бројот на рани и присилни бракови, предупредува Популацискиот фонд на Обединетите нации (УНФПА).
Според извештајот што ги анализира податоците од десет организации, бројот на пријавени случаи на рани и присилни бракови во вториот квартал од 2026 година бил за 123 отсто поголем во споредба со првиот квартал. Како рани бракови се евидентирани и случаи во кои биле вклучени девојчиња на возраст од 12 до 17 години.
УНФПА наведува дека продолжената криза, раселеноста, сиромаштијата, гладот и распадот на јавните служби ги зголемуваат ризиците за жените и девојчињата. Според сведоштва собрани од 230 жени во кампови во Газа и Кан Јунис, дел од семејствата ги гледаат браковите на малолетни девојчиња како начин да ги заштитат или да го намалат економскиот товар.
Во еден од случаите опишани во извештајот, жена сведочи дека 14-годишно девојче било омажено во период на глад во замена за две вреќи брашно. Други сведоштва се однесуваат на девојчиња без родители кои биле омажени на многу млада возраст.
Од УНФПА предупредуваат и на последиците врз здравјето. Кај девојчињата во рана адолесценција се регистрираат поголеми ризици поврзани со бременоста, породувањето и раѓањето деца со мала телесна тежина.
Истовремено, сексуалното насилство останува недоволно пријавено поради страв од стигма и одмазда. Според најновите податоци, сексуалното насилство, вклучително и силувањето и сексуалната злоупотреба, сочинувало 2,7 отсто од пријавените случаи на родово засновано насилство од април до јуни 2026 година, во споредба со 2,1 отсто во претходниот квартал. Во апсолутни бројки, тоа претставува зголемување од 61 отсто.
УНФПА оценува дека жените и девојчињата се особено ранливи во услови на живот во пренатрупани кампови, без доволно приватност и со ограничен пристап до санитарни услови и безбедни простори.
Хуманитарните организации повикуваат на подобрување на условите за живот, вклучително и обезбедување соодветни засолништа, санитарни услови и осветлување. Паралелно, се спроведуваат активности за подобрување на образованието и здравствената заштита, како и долгорочни програми за спречување на семејното насилство и детските бракови.