Во Мјанмар рудари откриле редок рубин со исклучителна големина, кој се смета за втор најголем досега пронајден во оваа земја разорена од конфликти.
Големиот необработен рубин бил ископан во близина на градот Могок, во регионот Мандалај, познат како центар на индустријата за скапоцени камења. Државните медиуми објавија дека каменот тежи 11.000 карати, односно околу 2,2 килограми.
Иако е речиси двојно полесен од рубинот откриен во 1996 година, тежок 21.450 карати, новото откритие се смета за повредно поради неговата боја и квалитет. Рубинот е опишан како виолетово-црвен камен со жолтеникави нијанси, со висока чистота и силно рефлектирачка површина.
Од Мјанмар потекнуваат околу 90 проценти од светското производство на рубини, најмногу од областите Могок и Монг Хсу. Трговијата со скапоцени камења претставува еден од главните извори на приходи во земјата.
Организации за човекови права, меѓу кои и Global Witness, со години повикуваат светските златари и трговци да престанат да купуваат скапоцени камења од Мјанмар, тврдејќи дека индустријата служи како значаен извор на финансии за воените власти.
Во меѓувреме, безбедносната состојба во рударските региони останува нестабилна поради граѓанскиот конфликт. Градот Могок во јули 2024 година бил заземен од Национална ослободителна војска Таанг, герилска група што ја претставува етничката заедница Палаунг. Подоцна, контролата над регионот повторно ѝ била вратена на мјанмарската војска по договор за прекин на огнот постигнат со посредство на Кина.