Купувањето стан во Португалија станува сè потешко, а во многу случаи и невозможно со буџет помал од 400.000 евра. Според најновите податоци на порталот за недвижности Imovirtual, просечната барана цена на станбена недвижност во земјата достигнала 430.500 евра.
Експертите оценуваат дека станбената криза е резултат на силната побарувачка, недостигот на нови станови, високите трошоци за изградба и сериозниот недостиг од работна сила во градежниот сектор.
Претседателката на Португалската асоцијација на агенции за недвижности (APEMIP), Патриша Барао, вели дека најголемиот проблем е ограничената понуда.
„Без нови станови на пазарот, а со постојано висока побарувачка, на младите и семејствата им станува сè потешко да дојдат до сопствен дом“, истакнува таа.
Дополнителен притисок врз цените создаваат и поскапувањето на земјиштето, градежните материјали, работната сила, даноците и административните процедури.
Експертите сметаат дека и државната програма за помош при купување прв дом за лица на возраст од 18 до 35 години, која овозможува финансирање до 100 проценти од вредноста на недвижноста со државна гаранција, придонела за раст на цените бидејќи го зголемила бројот на потенцијални купувачи.
Во меѓувреме, градежниот сектор се соочува со недостиг од околу 80.000 работници, меѓу кои ѕидари, електричари и водоинсталатери, што дополнително ја забавува изградбата на нови станбени објекти.
Најскапиот регион во земјата е Лисабон, каде што просечната цена достигнува 5.796 евра за квадратен метар. Следуваат Фаро со 4.804 евра и Мадеира со 4.333 евра за квадрат.
Од друга страна, најниски цени има во внатрешноста на земјата. Во регионот Гуарда квадратен метар во просек чини 739 евра, во Браганса 943 евра, а во Кастело Бранко 981 евро.
Според експертите, кризата на пазарот на недвижности ќе продолжи сè додека не се зголеми понудата на станови, не се забрзаат процедурите за издавање градежни дозволи и не се обезбеди доволен број квалификувани работници.