Одлуката на Доналд Трамп да покрене воен напад врз Венецуела, да го уапси нејзиниот претседател и привремено да ја преземе управата со земјата претставува остар пресврт за политичар кој со години ја градеше својата кариера врз критика на странските интервенции и ветувања дека ќе ги избегнува надворешните конфликти. Визијата што Трамп ја изложи на прес-конференција отвора можност за натамошни воени дејствија, директно мешање во венецуелската политика и нафтена индустрија, па дури и испраќање американски војници на терен — чекор од кој американските претседатели традиционално се воздржуваат поради отпорот во јавноста.
„Ќе ја водиме земјата додека не можеме да спроведеме безбедна, правилна и разумна транзиција“, изјави Трамп, без да прецизира до каде е подготвен да оди во преземањето контрола врз држава во која, според оценките, луѓето блиски до Николас Мадуро сè уште држат клучни позиции на моќ.
Иронично, на инаугурацијата на својот втор мандат во јануари минатата година, Трамп им порача на поддржувачите дека успехот нема да го мери само со добиени битки, туку и со војни што ќе ги заврши или во кои никогаш нема да влезе. Оттогаш, сепак, тој одобри бомбардирања во Сирија, Ирак, Иран, Нигерија, Јемен и Сомалија, уништи десетици пловни објекти поврзани со трговија со дрога и упати прикриени закани кон Гренланд и Панама. Ноќниот напад врз Венецуела се смета за неговата најагресивна воена акција досега.
Во нападите врз Каракас и други делови од земјата беа уапсени претседателот Мадуро и неговата сопруга, кои треба да се соочат со обвиненија за трговија со дрога во Њујорк. Потезите предизвикаа разочарување кај дел од републиканците кои се надеваа дека Трамп ќе се фокусира на домашните проблеми на гласачите — трошоците за живот, здравството и економијата.
Самиот Трамп тврди дека интервенцијата е во согласност со неговата доктрина „Америка на прво место“.
„Сакаме да бидеме опкружени со добри соседи. Сакаме стабилност. Сакаме енергија“, рече тој, јасно алудирајќи на огромните венецуелски резерви на нафта.
Политичките влогови, меѓутоа, растат. Републиканската пратеничка Марџори Тејлор Грин, која јавно се дистанцираше од Трамп, најавувајќи оставка од Конгресот, напиша дека токму ваквите чекори се спротивни на она за што верувале поддржувачите на движењето МАГА. Демократите, пак, добиваат дополнителна муниција пред клучните меѓуизбори за Конгресот во ноември, каде што контролата врз двата дома може да зависи од неколку тесни трки. Лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, оцени дека Мадуро е диктатор, но предупреди дека започнување воена акција без одобрување од Конгресот и без јасен федерален план за понатамошните чекори е неодговорно.
Иако Трамп работеше на завршување на конфликтите во Украина и Газа, воените интервенции традиционално носат поголем политички ризик. Анкетите уште во ноември минатата година покажаа дека евентуална американска воена акција во Венецуела е крајно непопуларна — само секој петти Американец ја поддржува употребата на сила за соборување на Мадуро.
Внатре во Републиканската партија се појавија јасни поделби. Главниот дипломат и советник за национална безбедност Марко Рубио се обиде да го ублажи отпорот кон интервенцијата, додека сенаторот Мајк Ли првично беше скептичен, но по разговори со Рубио оцени дека операцијата веројатно е во рамки на претседателските овластувања. Спротивно на тоа, пратеникот Томас Маси остро реагираше, оценувајќи дека заканите за натамошни напади не се усогласени со уверувањата дека станува збор за ограничена операција.
Историските паралели дополнително ја засилуваат дебатата. Во 1983 година Роналд Реган ја нападна Гренада со образложение дека тамошната власт е нелегитимна, аргумент што Трамп денес го користи за Мадуро. Шест години подоцна Џорџ Х. В. Буш ја нападна Панама за да го собори диктаторот Мануел Нориега, исто така баран во САД поради трговија со дрога. Поранешниот специјален пратеник за Венецуела Елиот Абрамс смета дека Трамп не презема голем политички ризик сè додека нема американски жртви, но признава дека не е јасно што значи практично да се „води Венецуела“.
Поранешниот советник во администрацијата на Обама, Брет Бруен, предупредува дека Соединетите Држави би можеле да се вплеткаат во сложен и долг транзициски процес. Според него, нема кратка верзија на оваа приказна: САД ќе се ангажираат длабоко во Венецуела, а паралелно ќе мора да се соочат и со нови регионални предизвици поврзани со нејзините соседи.