Обвинението против Артан Груби повторно ги разгоре внатрешните политички пресметки во ДУИ, оценува ВРЕДИ, поставувајќи прашање дали актуелните случувања имаат врска со најавите на Али Ахмети за повлекување од активната политика.
Од ВРЕДИ велат дека Ахмети најавува повлекување, но истовремено се создава впечаток дека неговите сопартијци не сакаат да замине. Според нив, токму случајот со Груби дополнително ја усложнува состојбата во партијата.
Од коалицијата подолго време го опишуваат Груби како „црна кутија“ на ДУИ, оценувајќи дека неговото присуство или евентуалното сведочење може да влијае врз повеќе внатрепартиски односи и политички процеси.
ВРЕДИ во реакцијата го посочува и Бујар Османи, за кого тврди дека преку јавни настапи отвора прашања и теми кои директно или индиректно водат кон Груби.
Посебно ја издвојуваат и улогата на Ислам Абази во идните случувања во ДУИ. Според ВРЕДИ, во партијата се обидуваат да создадат впечаток дека ситуацијата е под контрола, иако, како што оценуваат, работите одамна им излегле од раце.
Од ВРЕДИ сметаат дека информациите што Груби би можел да ги открие во текот на постапката ќе имаат значење за тоа кој би можел да понесе политичка одговорност.
„Од она што Артан можеби ќе го открие ќе зависи кој ќе биде жртвуван“, велат од ВРЕДИ, оценувајќи дека за Али Ахмети и ДУИ допрва следува тежок политички период.