ВРЕДИ остро одговори на повикот на ДУИ за предвремени парламентарни избори, обвинувајќи ја партијата на Али Ахмети дека по поразот на локалните избори не презела никаква одговорност.
Од ВРЕДИ велат дека на следното соочување со граѓаните ДУИ ќе биде испратена во „политичка пензија“, но пред да зборува за нови избори, партијата треба да објасни зошто по изборниот пораз никој од нејзините функционери не понел одговорност.
„Во ДУИ добро знаат дека пред неполна година Албанците со глас ги исфрлија од сите општини со албанско мнозинство и дека секое ново соочување со граѓаните за нив значи уште една шлаканица“, велат од ВРЕДИ.
Од владејачката партија посочуваат повеќе примери за кои тврдат дека покажуваат оти во ДУИ изборниот пораз не значел и политичка одговорност.
„Али Ахмети продолжи да продава магла со старата финта за повлекување, Бујар Османи го изгуби Чаир и остана потпретседател и главен играч за тронот на ДУИ, Бајрам Реџепи го изгуби Тетово и остана во партиското претседателство, а Фатон Ахмети за изборниот пораз беше награден со две нови партиски фотелји, потпретседател и шеф на кабинетот на Али Ахмети“, наведуваат од ВРЕДИ.
Според нив, истата ситуација се повторила и во Арачиново, Боговиње, Теарце, Струга, Желино и Сарај, каде што, како што тврдат, поразените функционери не се повлекле од своите позиции.
„Во ДУИ, очигледно, за пораз не се одговара, туку поразените се наградуваат“, велат од ВРЕДИ, додавајќи дека барањата за избори, според нив, повеќе не наидуваат на поддршка ниту во Мала Речица.
Реакцијата на ВРЕДИ следува откако ДУИ претходно ја прозва владејачката партија поради тоа што повеќе од 24 часа не се произнела за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека власта позитивно би одговорила доколку опозицијата побара предвремени парламентарни избори.
Од ДУИ оценија дека молкот на ВРЕДИ е показател за страв од соочување со граѓаните и од нивната изборна пресуда.