По најавената реконструкција на Владата, коалицијата Влен ќе има еден вицепремиер и ќе раководи со три министерства.
Според информациите, Беким Сали останува прв вицепремиер и министер за европски прашања, додека функцијата вицепремиер за добро владеење, која досега ја извршуваше Арбен Фетаи, се укинува. Надлежностите од оваа област ќе бидат преземени од кабинетот на премиерот.
Во рамки на реконструкцијата, ВРЕДИ ќе ги преземе Министерството за правда, Министерството за култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците.
За министер за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор. Министерството за односи меѓу заедниците ќе го раководи Агон Ферати, додека за нов министер за правда е предложен професорот по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа, Јетон Шасивари, кој ќе го наследи Игор Филков.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно соопшти дека со реконструкцијата ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе ресорите здравство и социјална политика, демографија и млади. За министер за здравство е предложен актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, додека Ѓоко Велковски е предложен за министер за социјална политика, демографија и млади.
Златко Перински ќе биде нов директор на Фондот за здравствено осигурување, а Иван Стоилковиќ е предложен за министер за локална самоуправа.
Во меѓувреме, ЗНАМ, по отстапувањето на Министерството за правда, ќе го преземе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде за министер се очекува да биде именуван актуелниот државен секретар Борче Серафимовски. Горан Минчев и натаму ќе раководи со Министерството за јавна администрација.