Waze добива големо ажурирање со низа нови функции базирани на вештачка интелигенција, благодарение на интеграцијата со Gemini. Новините треба да ја направат навигацијата поперсонализирана, а пријавувањето проблеми на патот полесно за корисниците.
Една од новите можности е Waze да ги памети омилените рути на корисниците. Така, доколку некој редовно избира одреден пат, автопат со помалку запирања или рута со помалку сообраќај, апликацијата ќе може да ги земе предвид тие навики при следното планирање на патувањето. Функцијата може и да се исклучи.
Подобрен е и „Motorcycle mode“, наменет за мотоциклистите. Waze сега може да предлага рути прилагодени за мотоцикли, вклучувајќи тесни премини и кратенки кои не се погодни за автомобили и поголеми возила.
Корисниците ќе добиваат и информации за потенцијални опасности долж рутата, како лежечки полицајци, издигнати пешачки премини и тесни мостови. Овој режим засега се воведува во Аргентина, Бразил, Колумбија, Малезија, Мексико, Перу и Филипините.
Gemini носи нови можности и за пријавување настани во сообраќајот. Наместо корисникот да избира од однапред дефинирани опции, сега може разговорно да опише што се случува на патот – од сообраќајна несреќа и застој до затворен пат или неточна адреса.
Вештачката интелигенција ќе може да помогне и при пребарување места со нецелосни информации. На пример, корисникот може да побара бензинска пумпа на која има кафе со веганско млеко, без да мора прецизно да го знае името на местото.
За оние кои не сакаат чести известувања, воведен е и „less chatty mode“. Во овој режим Waze ќе ги известува корисниците само за најважните опасности и пречки на патот.
Со исклучок на подобрениот режим за мотоцикли, новите функции постепено стануваат достапни за корисниците ширум светот на Android и iOS.