Лиценците издадени од државните институции наскоро ќе можат да се проверуваат за само неколку секунди преку QR код, без хартиени документи, фотокопии и дополнителна административна постапка. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска го промовираше системот SMART лиценци – целосно електронско решение за издавање, проверка и јавно следење на лиценци.
Според Андоновски, со едно скенирање граѓаните, компаниите и институциите веднаш ќе можат да утврдат дали лиценцата е важечка, истечена, суспендирана, укината или е во постапка.
„Лиценца што се проверува за 10 секунди. Без сомнеж дали е важечка. Без фотокопии. Без непотребна бирократија“, порача Андоновски.
Тој истакна дека новиот систем ќе донесе поголема транспарентност, побрзи проверки и намалување на административната субјективност.
„Ова значи повеќе транспарентност, помалку хартија, побрзи проверки, помалку административна субјективност и поголема доверба во институциите и во правниот промет“, нагласи министерот.
Како прв пилот-проект, SMART лиценците веќе се имплементирани во Министерството за дигитална трансформација за давателите на квалификувани доверливи услуги, меѓу кои се електронски потпис, електронски печат, временски жигови, електронска препорачана достава и сигурно електронско складирање.
Андоновски најави дека следната фаза е проширување на моделот и во други области и институции.
„Имаме јасна цел: граѓаните и компаниите да не бидат курири на документи, туку државата да обезбеди точни, достапни, безбедни и проверливи податоци“, изјави Андоновски.