Владата на Република Македонија преку соопштение се огласи по случајот со Димитар Цингаровски, вработен во Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), кој бил ангажиран како возач за потребите на Генералниот секретаријат на Владата. Цингаровски е осомничен дека побарал 1.500 евра од граѓанин за да посредува за негово вработување во Противпожарната бригада на Град Скопје.
Од Владата информираат дека на 4 септември Цингаровски бил затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од побараната сума. Парите претходно биле обележани, по што тој бил лишен од слобода.
Според соопштението, случајот бил инициран по пријава за барање поткуп, а акцијата била спроведена во соработка со службите на Министерството за внатрешни работи.
Од Владата нагласуваат дека Цингаровски во моментот на настанот ги извршувал работните задачи како возач за потребите на Генералниот секретаријат, но претходно засновал работен однос во СОЗР, по постапка каква што се применува и за останатите вработени во службата.
„Целата акција е дел од заложбите на Владата за бескомпромисна борба против корупцијата“, наведуваат од Владата, додавајќи дека случајот покажува оти законите важат за сите, без оглед на работната позиција.
Од Владата посочуваат дека случајот е пример за соработка меѓу институциите во насока на откривање и санкционирање на коруптивни дејствија.
За Цингаровски е определен 30-дневен притвор, а натамошната постапка ќе треба да утврди дали и за каква одговорност постојат докази.