Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска одржа говор на Светскиот економски форум во Давос, во кој остро ги критикуваше европските лидери поради, како што рече, нивната неодлучност, одолговлекување и потпирање врз Соединетите Американски Држави во клучните безбедносни прашања, вклучително и Украина и Гренланд, објави Би-би-си.
Зеленски го започна говорот со споредба со филмот „Бескраен ден“, во кој главниот лик постојано го преживува истиот ден. Тој истакна дека никој не сака да живее така, повторувајќи го истото со денови, недели, месеци и години, додавајќи дека токму така, според него, денес живее светот.
Според Зеленски, глобалното внимание во последните денови се пренасочило кон Гренланд, но без јасен одговор што Европа навистина планира да направи. Тој оцени дека повеќето европски лидери сè уште не знаат како да постапат и дека изгледа како сите да чекаат САД да се „оладат“ околу ова прашање и темата едноставно да исчезне.
Во продолжение, Зеленски направи паралела со Иран, каде што протестите, како што рече, биле задушени со крв, а потоа повторно се осврна на војната во Украина. Го спомена и случајот со Венецуела, нагласувајќи дека претседателот Николас Мадуро се наоѓа во Њујорк и чека судење, додека рускиот претседател Владимир Путин не се соочува со таква одговорност.
Тој ѝ се заблагодари на Европа за замрзнувањето на руските средства, но нагласи дека нивната употреба за одбраната на Украина била блокирана токму во моментот кога тоа било најпотребно. Зеленски изјави дека нема никаков вистински напредок во воспоставувањето меѓународен трибунал за руската агресија врз Украина, и покрај бројните состаноци, прашувајќи дали проблемот е во времето или во политичката волја.
Говорејќи за европската безбедност, Зеленски истакна дека Европа мора да биде способна сама да се брани. Тој посочи дека иако некои држави ги зголемиле издвојувањата за одбрана, многу од нив не ги исполнувале ниту сопствените обврски сè додека американскиот претседател Доналд Трамп не извршил притисок. Запраша каква порака тоа им испраќа на Путин и на Кина, додавајќи дека испраќањето 40 војници за заштита на Гренланд нема да направи никаква разлика и го нарече таквиот потег апсурден.
Зеленски додаде дека Украина има капацитет да го брани Гренланд, нагласувајќи дека знае како се води борба во такви услови, но потсети дека тоа би било возможно доколку Украина беше членка на НАТО. Тој повторно предупреди дека Европа се однесува како некој друг да ќе го реши прашањето со Гренланд, додека во меѓувреме, како што рече, рускиот воен механизам продолжува да се движи.
Украинскиот претседател ги критикуваше и Европа и САД затоа што не ја спречиле продажбата на компоненти за ракети на Русија, истакнувајќи дека додека Европа и Америка молчат, Путин продолжува да произведува ракети. Тој рече дека му било советувано во разговорите со САД да не спомнува одредени системи за вооружување за да не се расипе атмосферата, додека во Европа, според него, се води бескрајна внатрешна дебата што ја спречува отворената и искрена дискусија за решенијата. Европа, рече Зеленски, наместо да стане вистинска глобална сила, останува убав, но фрагментиран мозаик од мали и средни сили.
Тој порача дека американскиот претседател нема да се промени и оцени дека некои европски лидери се „од Европа, но не и за Европа“, предупредувајќи дека позицијата на САД се менува, но дека никој не знае точно како и со која брзина.
Говорејќи за можен прекин на огнот, Зеленски изјави дека сè уште не е постигнат договор со САД за безбедносни гаранции, кои ги смета за клучни. Тој праша зошто САД можат да запираат танкери од таканаречената руска флота во сенка и да запленуваат нафта, додека Европа тоа не го прави, иако токму таа нафта што минува покрај европските брегови го финансира руското војување против Украина. Според него, доколку Путин остане без пари, нема да има ниту војна за Европа.
Осврнувајќи се на денешната средба со Доналд Трамп, Зеленски рече дека документите насочени кон завршување на војната се речиси подготвени и дека Украина работи искрено и решително, додека Русија мора да стане подготвена да ја заврши агресијата. Тој додаде дека претходните разговори со САД резултирале со испорака на противвоздушни ракети и разговори за заштита на небото, изразувајќи надеж дека Вашингтон ќе продолжи да стои зад Украина.
На крајот, Зеленски повика на силна Европа и истакна дека континентот има потреба од независна Украина која еден ден би можела да ги брани и другите. Тој порача дека на Украина ѝ се потребни дела, затоа што од нив произлегува светскиот поредок, нагласувајќи дека без дејствување денес, нема утре, и говорот го заврши со пораката: „Слава на Украина“.