Кривична пријава за даночно затајување и оштетување на доверители е поднесена против управител и сопственик на правно лице, како и против самото правно лице, соопшти Управата за финансиска полиција.
Според пријавата доставена до Основното јавно обвинителство Скопје, В.Р. во периодот од 2019 до 2020 година, иако бил свесен дека компанијата е неспособна за плаќање и дека ѝ претстои стечај, преземал дејствија со кои, според сомнежите, го намалил имотот од кој доверителите можеле да ги наплатат своите побарувања.
Од Финансиската полиција наведуваат дека тој присвоил 10 возила во вредност од 69.719.484 денари, скутери вредни 545.000 денари и трговска стока во вредност од 4.457.322 денари. Овие средства не биле соодветно евидентирани и не биле пронајдени од стечајниот управник, поради што не станале дел од стечајната маса.
Со тоа, според пријавата, побарувањата на доверителите во вкупен износ од 12.069.922 денари останале ненамирени. Од оваа сума, 1.179.059 денари се побарувања на Управата за јавни приходи.
Финансиската полиција дополнително го товари В.Р. дека во периодот од 2011 до 2019 година подигнал 53.872.587 денари во готовина, прикажани како „материјални и патни трошоци“, без да обезбеди документација со која би се оправдала нивната економска основаност.
Според сомнежите, средствата биле присвоени за лична корист, а притоа не бил пресметан и платен данок на добивка од 5.387.259 денари и данок на личен доход од 5.985.244 денари.
Со сите наведени дејствија, според Финансиската полиција, преку правниот субјект била остварена противправна имотна корист, а Буџетот на Северна Македонија бил оштетен за вкупно 23.442.425 денари по основа на оштетување на доверителите, данок на добивка и данок на личен доход.