Здружение на новинари на Македонија и Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници реагираа на соопштението на Основно јавно обвинителство, во кое од новинарите се бара „внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање“, а од професионалните организации да „гарантираат“ почитување на етичките стандарди.
Реакцијата доаѓа откако во јавноста се отворија прашања за неизборот на обвинителката која го водеше процесот против полицајците за случајот „Пулс“, односно дали оваа промена може да влијае врз текот и времетраењето на постапката.
Од ЗНМ и ССНМ посочуваат дека ваквиот повик, без прецизно наведување на конкретни случаи на неетичко известување, може негативно да се протолкува во јавноста и да остави впечаток на обид за стишување на критичките гласови и ограничување на јавната дебата за прашања од висок јавен интерес.
Како што информираат, ова било посочено и во директна комуникација со претставници на обвинителството, со цел да се надминат недоразбирањата.
Тие нагласуваат дека професионалното и етичко известување е обврска на новинарите и медиумите, додека новинарските организации имаат улога да ги промовираат стандардите и да реагираат при нивно прекршување, но не можат и не треба да гарантираат за секоја објава или уредувачка одлука.
Воедно потсетуваат дека постојат механизми за постапување при сомнеж за неетичко известување, меѓу кои претставки до Советот на честа при ЗНМ и до Советот за етика во медиумите во Македонија.