Македонија

Нема пожари на отворено, но ЦУК издаде други препораки

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1 583 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, од коишто „реални“ повици биле 54,99%, а 45,01% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 63,04%, кон Итната медицинска помош 29,35%, а кон пожарникарите 1,45% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 784 повика за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (6,16%) и на тие што се именувани како „неитни повици“(45,01%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).

„Во последното деноноќие немаше пожари на отворено, имаше само урбани. ЦУК издвојува два коишто се навидум наивни, ги има секојдневно, а се потенцијална опасност за палење на поткровја и околни објекти. Тоа се пожарите на оџаци, Регионалниот ЦУК Охрид, информира дека пожарникарите од ТППЕ Охрид имале две интервенции заради запалени оџаци во изминатото деноноќие. Оџаците, како што пожарникарите превентивно препорачуваат, е потребно поредовно да се чистат.

Регионалниот ЦУК Штип, по јавувања на 112, известува за повеќе одрони во различни временски периоди и тоа: од 12.45 часот на патниот правец од с.Истибања –Виница; од 13.55 часот на делницата Кочани-Делчево и во период од 15.00 до 15.30 часот кај с.Калиманци и на патен правец с.Удово-Демир Капија. Веднаш од ЦУК биле известени надлежните од ЈП за одржување на регионалните и магистралните патни правци од Кочани коишто интервенирале и биле исчистени одроните од патот. Од ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правеци од Делчево известуваат дека на патните правци под нивна надлежност; Брана Калиманци – граничен премин кон Бугарија, Македонска Каменица – Рудник Саса и Делчево – Пехчево, коловозите се влажни и има ситни одрони на сите патни правци при што се препорачува внимателно возење. Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот. Но, на тие што патуваат се препорачува внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

ЦУК, заедно со медиумите, апелиравме во овој изминат повеќенеделен период и кога имавме сончево време и многу пожари на отворено за поголема внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, засилен ветер и снег на повисоките места, за редовно чистење на локалните одводни канали, а и да не се фрлаат отпадоци во нив. Секако да се исчистат, таму каде што ги има, бидејќи е време и на поројни дождови, па отпадоците во каналите може да направат брана и да се излее водата од нив.

Инаку, апелиривме, бидејќи на места се очекува и силен ветар, истовремено да се внимава на работите што може да „одлетаат“ од градбите во населбите и особено на градбите што се во изградба, на градилиштата, треба да се обезбедат сите работи што заради ветер би паднале и би претставувале опасност за луѓе коишто се во околината.

Ако се престојува на планина препорачливо е да се има доволно гориво во возилото и да се внимава на планинските патишта -да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот. Во природа кога се оди превентивно да се избегнуваат сувите корита, суводолиците, бидејќи некаде повисоко ако врне пороен дожд може нагло да дојде вода и да ги загрози луќето во тој реон, иако кај нив само заросило или во тој момент нема дожд.

Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи“, велат од ЦУК..

На почеток