Македонија

Упатство на ДИК за гласање

Државната изборна комисија изготви Упатство со правила за гласањето. Упатството е објавено на нивната ВЕБ страна.

18 правила за гласање:

1. Гласањето се врши лично на гласачките места во Република Северна Македонија и во ДКП каде е определено дека може да се гласа.

2. По доаѓањето на избирачкото место на граѓанинот најнапред му се проверуваат документите за лична идентификација, и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список. Потоа член на избирачкиот одбор му издава гласачко ливче на кое на предната страна мора да му стави печат.Избирачкиот одбор на гласачите им го објаснува начинот на гласање и им овозможува да гласаат.

3. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.

4. Гласачот го приложува документот за лична идентификација – важечка лична карта или патна исправа, односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.Освен важечка лична карта или пасош за гласање не се прифаќаат документи како возачка дозвола, здравствена книшка, ученичка и студентска легитимација и друго.

5. Гласачот става отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација, а доколку гласачот нема десен показалец се зема отпечаток од показалецот од левата рака или во случај на гласачот да му недостигаат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака.

6. Доколку гласачот нема две раце гласачот се внесува во техничката опрема со пребарување преку неговиот единствен матичен број.

7. Доколку УБИГ не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прсти со отпечатокот од прсти на гласачот во електронскиот избирачки список, гласачот се внесува во УБИГ преку отчитување на личниот документ на МРЗ скенерот или преку внесување на единствениот матичен број (ЕМБГ), а потоа гласачот става отпечаток од прст на УБИГ.

8. По потврдувањето на идентитетот, гласачот го става својот потпис во изводот од Избирачкиот список.Ако избирачот кој се наоѓа во Избирачкиот список е неписмен или има физички недостаток тој ќе стави отпечаток од десниот показалец на местото резервирано за потпис во изводот од избирачкиот список.

Не смее да гласа избирач кој ќе одбие да се потпише во избирачкиот список.

9. Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, се става печат на предната страна на местото определено за печат и потоа му се дава на гласачот.

10. Гласачот добива едно гласачко ливче.

11. Гласачот гласа сам, тајно зад гласачки параван.

12. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот/името на листата со хемиско пенкало со мастило во сина боја.

13. Превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија.

14. Гласачот го подигнува документот за лична идентификација.

15. Гласач кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Изборниот законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на гласачите. Лицето не смее да влијае врз одлуката на гласачот.

16. Забрането е семејното и групното гласање, како и гласањето за друго лице.

17. Забрането е фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање.

18. Забрането е носење оружје на гласачкотoто место.

Претставниците на подносителите на листите и акредитираните набљудувачи можат од непосредна близина да го следат утврдувањето на идентитетот на избирачот.

Семејно и групно гласање и гласање во име на друг е забрането

Нарушувањето на тајноста на гласањето е кривично дело. Со Уставот се гарантира правото на тајност на гласачите. Забрането е семејно и групно гласање и гласање во име на друг. Членовите на избирачките одбори се должни да ги спречат евентуалните обиди за нарушување на тајноста на гласањето. Семејното и групното гласање и гласањето во име на друг значат кршење на избирачкото право, претставуваат основа за нарушување на тајноста на гласањето и може да доведат до поништување на изборите.

Член на изборен орган кој работи спротивно на одредбите на Изборниот законик може да заработи прекршочна пријава и глоба во износ од илјада до три илјади евра во денарска противвредност. Глоба во износ од 750 до 2.250 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на физичко лице кое гласа за повеќе лица или гласа во име на друг.

На почеток