Крај на парламентарните избори, Европски фронт останува со 18 а Влен со 14 пратеници
Завршија парламентарните избори. Државната изборна комисија на седница ги прогласи за конечни резултатите од изборите во ИЕ 6. Претходно Управниот суд ноќеска ја отфрли тужбата на Европскиот фронт, предводен од ДУИ за прегласување на едно избирачко место во село Ларце, Желино.
Претседателот на ДИК Александар Даштевски соопшти дека во оваа изборна единица Коалицијата Европски фронт има осум мандати, Влен исто така 8, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ три, и Коалицијата за Европска иднина, предводена од СДСМ еден.
На седницата беше соопштено дека Аднан Азизи од Влен ќе биде пратеник на местото на тетовскиот градоначалник Билал Касами, чиј мандат не беше верификуван на Конститутивната седница откако тој го побара тоа.
Државната изборна комисија ќе одлучува дали и кога ќе се гласа за нови градоначалници, во општините каде што досегашните градоначалници станаа дел од новиот пратенички состав во Владата.