Државата ќе потроши околу 10 милиони евра за спроведување на локалните избори закажани за 19 октомври. Дури две третини од парите, односно над 6,5 милиони евра, ќе завршат за политичко рекламирање на кандидатите во медиумите. Останатите средства се наменети за надоместоци на членовите на изборните одбори, транспорт и логистика за гласачкиот материјал. Сумирано – изборите ќе чинат околу 5 евра по секој полнолетен граѓанин.
Собранието до сабота, 9 август, мора официјално да ги распише изборите, по што Државната изборна комисија ќе го објави календарот со сите рокови и обврски. До крајот на месецот, ќе треба да се ангажираат 21.000 администратори за 3.500 избирачки места, како и уште 14.000 партиски предложени членови од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН.
Проверката на Избирачкиот список ќе почне 15 дена по распишувањето и ќе трае 20 дена, период во кој граѓаните ќе можат да поднесат барања за исправки на податоците.