На Флорида денеска е закажано погубувањето на 77-годишниот Кертис Вилки Бисли, осуден на смрт поради убиство на жена во 1995 година. Доколку биде извршено, тоа ќе биде 16-тото погубување годинава во оваа американска сојузна држава.
Бисли е осуден за убиство од прв степен, разбојништво и кражба на автомобил. Неговите адвокати се обиделе да го спречат погубувањето, наведувајќи дека поради неговата возраст и когнитивното опаѓање, извршувањето на смртната казна би претставувало сурова и невообичаена казна. Врховниот суд на Флорида минатата недела ги одбил жалбите, додека за последната жалба допрва треба да одлучи Врховниот суд на САД.
Според судските записи, во август 1995 година Бисли престојувал во куќата на Керолин Монфорт во Данди, јужно од Орландо. Тој работел на чистење и бојадисување станови во сопственост на зетот на жртвата.
Ќерката на Монфорт го пронашла нејзиното тело во просторијата за перење откако два дена не успеала да стапи во контакт со неа. Истрагата утврдила дека жената имала повеќе повреди на главата нанесени со тап предмет. Во близина на телото била пронајдена крвава глава од чекан завиткана во крпа.
По убиството, Бисли избегал во Мајами, а потоа се преселил во Алабама, каде што бил уапсен додека работел во компанија за електрични инсталации под лажно име. За виновен бил прогласен во 1998 година.
Доколку биде извршено, неговото погубување ќе биде 29-то во САД од почетокот на годината. Од нив, повеќе од половина се извршени во Флорида, која годинава веќе погубила 15 затвореници.
Минатата година во Флорида биле извршени 19 погубувања, што било рекорд за државата откако смртната казна повторно била воведена во 1976 година. Бисли би бил седмиот затвореник постар од 70 години кој оваа година ќе биде погубен во државата.
Погубувањата во Флорида се извршуваат со смртоносна инјекција која содржи три лекови – седатив, средство за парализа и средство кое го запира работата на срцето.