СВР Скопје до Основното јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против А.Б.(26), А.Ј.(23) и И.Г.(34), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „тешка кражба“ во маркет во населба Ѓорче Петров, при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 804.700 денари.
Врз основа на информациите на А.Б., кој пред две години работел во маркетот како обезбедување и ја знаел целосната поставеност на просториите во маркетот и на камерите од видео надзорот, на 17.04.2020 околу 23.00 часот, преку имот кој што граничи со маркетот, влегле во задниот дел од објектот, по што А.Ј. ја скршил камерата за видео надзор и го деактивирал сензорот за аларм во маркетот. Откако А.Б. и А.Ј. влегле внатре во маркетот, ги скршиле сите камери за надзор, го одзеле сефот со пари од дневен промет, како и поголема количина на цигари, парфеми, кремови, лосиони и алкохолни пијалоци. После тоа, во возило на третопријавениот И.Г. го товариле предметите и заминале.
По преземени мерки од Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров-Одделението за криминалистички работи, по насоки и во содејство со ОЈО Скопје, било утврдено дека А.Б., А.Ј. и И.Г. го испланирале и го извршиле кривичното дело..