Македонија

Маричиќ: Лажна вест е дека Судот во Стразбур одлучил аболицијата на Иванов да важи

Министерот за правда Бојан Маричиќ на Фејсбук објави дека информацијата објавена во некои медиуми дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил дека аболицијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов важи – претставува „класична лажна вест”.

– Она што е точно е дека пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, одредени лица обвинети или осудени во постапките на поранешното СЈО почнаа постапка со која ги проблематизираат тековните судски постапки во Северна Македонија, од аспект на аболициите на Иванов, наведува Маричиќ во објавата.

Тој посочува дека Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 25 септември 2020 година, на одговор до Владата доставил две групи на апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, a во однос на предмети кои се тековни пред домашните судови и се во врска со прислушкуваните разговори.

– Но, овие апликации не се одлучени од страна на ЕСЧП, туку на 25.09.2020 година, само се доставени на одговор до Владата на Северна Македонија, а постапката за нивно одлучување треба допрва да почне наредната година, додава министрот за правда.

Според него, апсолутна шпекулација се информациите за евентуалните последици по тековните предмети пред домашните судови, кога предметните постапки пред ЕСЧП се во почетна фаза на комуникација, а за исходот од постапките, секако ќе треба да се почека одлуката на Судот во Стразбур, која може да дојде и по три години.

– Сепак, со ширењето на лажната вест дека предметите потонале се врши притисок врз домашната правосудна власт да не одлучува по овие предмети. Но, исто така се открива и визијата за Правдата во очите на опозицијата. Нивна единствена визија за правда е аболицијата на Иванов.

Судските процеси ќе продолжат по постоечките закони на нашата држава, а правда мора да има за сите, додава министерот Маричиќ во објавата на Фејсбук.

На почеток