Комисијата за заразни болести во моментов не размислува да предложи воведување рестрикции во движењето. Засега ќе се предложат два сета мерки – оние со кои треба да се воведе задолжително носење маска и на отворено и да се забрани групирање во домовите, а за кои ќе се носат законски измени, како и нови рестрикции во јавниот превоз и ограничување на работата на угостителските објекти и одредени економски субјекти каде што се смета дека има ризик.
„Не сме ги исцрпеле уште сите мерки за да можеме да размислуваме за полициски час. Но, доколку ништо од ова не се почитува, што ни останува понатака. Затоа ве замолувам и медиуми и населние, самите ако не си помогнеме, не можат да ни помогнат уште 500 доктори , 500 сестри и уште 20 болници. Сето тоа ќе се исполни брзо, ако имаме зголемен број, а ние работиме уште од март месец со засилено темпо. Зголемување на бројките ќе не одведе до преполнување на болничките капацитети. Ние можеме да правиме ротации на колегите, меѓутоа тоа се тие луѓе, нивниот број е ограничен. Не по 500, 600 луѓе на ден, можеме да имаме и по 1.000 доколку не почитуваме“, истакна доктор, Караџовски.
Според Караџоски журките, евентите, свеченостите, сè она што го гледавме, со сето тоа непочитување на мерките, неносење маски и недржење на растојание, немиење раце, е причина на зголемување на бројот на новозаразени во есенскиот бран на коронавирусот.
„На овие настани никој не носеше маска, тоа го видовме и во медиумите. Од анкетите што ги направивме увидовме дека тоа се луѓе помеѓу 20 и 39 години и ова ни укажува дека тие не биле на домашна свеченост, туку во локал на журка, каде што имало групирање и не се почитувале мерките. Ние уште пред неколку месеци најавивме дека ќе дојде овој есенски бран на ширење на вирусот. Но, би рекол дека кај нас подрани, затоа што временските услови не се такви да имаме групирање во затворен простор. Но, со доаѓањето на сезонскиот грип, оваа шанса за зголемување на бројот поради групирање во затворен простор , бројката ќе биде поголема“, рече Караџовски.