Министерството за образование и наука изврши целосна промена на начинот и динамиката на исплата на средствата за ученички и студентски стипендии. Оттаму додаваат дека повеќе нема да има доцнење на исплатата, односно на префрлање на средствата на сметките на корисниците како што се случуваше во минатото.
„ Новите добитници на стипендии за учебната, односно академската 2020/2021 година, како и оние корисници кои го продолжиле правото на стипендија стекнато во некоја од изминатите години, веќе ги добија средствата – три месечни износи кои им следуваа за 2020 година.
Оваа воспоставена динамика на редовна исплата на стипендиите ќе продолжи да се реализира и понатаму, а тоа е многу важно за оние кои ги исполниле условите и го оствариле правото. Сепак, се работи за средства кои значат поддршка и унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард, го помагаат процесот на образование и претставуваат мотивација за младите во текот на учењето“ соопшти МОН.
Раководството на МОН уверува дека унапредувањето на ученичкиот и студентскиот стандард ќе продолжи да биде еден од приоритетите и во новата година. Буџетот за оваа намена е креиран согласно реалните потреби на младите, на учениците и студентите и во насока на нивна стимулација за постигнување што поголеми и подобри резултати во текот на образованието.