Денеска во Лондон се очекува да се донесе одлука дали основачот на Викиликс Џулијан Асанж може да биде екстрадиран во САД за да му се суди за објавување тајни американски воени документи. Доколку биде одобрено барањето, тогаш министерот за внатрешни работи, Прити Пател, ќе донесе конечна одлука за тоа дали Асанж треба да биде екстрадиран. Обвинителството на САД го обвини Асанж за шпионажа и објавување на тајни документи на американската војска од страна на Викиликс во 2010 година, со кои се обелоденија американските воени незаконски дејствија во Ирак и Авганистан Неговите адвокати велат дека тој може да оди во затвор од 30 до 40 години, но обвинителите изјавија дека ќе се соочи со затвор не повеќе од пет години.
49-годишниот Асанж беше уапсен во Лондон на барање на Соединетите држави откако беше протеран во април 2019 година од амбасадата на Еквадор, каде се наоѓаше во засолниште од 2012 година откако таа земја му одобри политички азил. Адвокатите на Асанж велат дека обвинението е политички мотивирано што ќе ја задуши слободата на печатот и ќе ги изложи на ризик новинарите ширум светот.