Македонија

Влада: Нема да се гради ски-центар на Галичица, ќе се донесе и ДУП за охридското крајбрежје

Неопходност од преземање итни мерки и активности, како и највисока подготвеност на сите чинители вклучени во процесот за да се отстранат опасностите по Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство, согласно насоките на УНЕСКО, е од врвен приоритет и на новиот состав на Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, која, во координација со владиното интер-ресорско тело со кое претседава претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев е вклучена во подготовката на Извештајот за напредокот за 2020 година кој нашата држава треба да го достави до Центарот за светско наследство на УНЕСКО до 1 февруари оваа година.

Во овој извештај ќе влезат сите значајни активности и мерки коишто нашата држава ги реализираше во насока на зачувување на статусот на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион се, како што е формирањето и функционирање на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и Акцискиот план за постапување по Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2017 година.

Во овој период е донесен и Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион до 2029 година со акциски план за имплементирање на режимите за заштита.

Во рамките на овие активности поништени се плановите и проектите за ски центар и пат низ Националниот парк Галичица, како старите проекти за туристичко-развојните зони кои на ниту еден начин не се вклопуваа со критериумите што го определуваат статусот на Охридското Езеро и природното и културно наследство на Охридскиот регион на листата на УНЕСКО.

За заштита на водите и езерската флора и фауна во тек е комплетна реконструкција и целосно заокружување на колекторскиот систем долж целиот брег, вклучително и пречистителните станици, за што е формирано посебно државно Јавно претпријатие Колекторски систем, и се работи на финансирање за целосна реконструкција на системот, што е врвен приоритет за да се превенира загадувањето на Охридското Езеро.

Во соработка со УНДП, Електрани на Северна Македонија и со општините Охрид, Струга и Дебрца, се вршат работи за пренасочување на реката Сатеска, како најголемиот загадувач на езерото, во старото корито кон реката Дрим.

Адресирани се и барањата на УНЕСКО за регулирање на сообраќајот во стариот дел на Охрид.

На иницијатива на Владата на Република Северна Македонија, во 2019 година беше поддржана номинацијата на Република Албанија за проширување на заштитениот појас на охридскиот регион и од албанска страна на 43-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, по што се формираше Меѓувладиниот Комитет за управување со сливот на Охридското Езеро, кој во текот на 2020 година одржа два состанока.

Општина Охрид, согласно препораките на УНЕСКО, изработи посебен регистар на нелегални градби за подрачјето на општината како база на податоци во која се внесени се вкупно 1.076 досиеја за нелегални градби во периодот од 2006 година до мај 2019 година.

Во контекст на новите генерални урбанистички планови за градовите Охрид и Струга, за да се примени Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО и да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителната универзална вредност на природното и културното наследство во Охридскиот Регион, во текот на оваа година Министерството за транспорт и врски ќе донесе ДУП од државно значење за целото крајбрежје на Охридското Езеро со што се очекува да се решат проблемите со сите видови урбана узурпација на крајбрежјето и водите на езерото.

Со активностите што ги поттикнаа и спроведуваат интер-ресорската Комисија за управување на Охридскиот регион и Националната комисија на УНЕСКО, Владата на Република Северна Македонија силно ја реафирмира определбата да го зачува статусот на Охридскиот регион на листата заштитено светско наследство на УНЕСКО, имајќи ја реално предвид опцијата за ризиците и за можноста Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство да биде прогласено за загрозено подрачје.

На почеток