Македонија

Никола Димитров: Преговори по цена на македонскиот идентитет нема да има, а интерпелацијата за мојата работа е конструирана на лажни вести

„Интерпелацијата за мојата работа, збир од лажни вести и обид за излез од внатрепартискиот хаос преку иницијатива за рушење на Владата и тоа за позиции и одлуки на други држави или меѓународни организации“, истакна заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања Никола Димитров во своето прво обраќање од собраниската говорница по повод интерпелацијата за неговата работа што ја поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

„Едвај чекате лоши вести, а кога ги нема, ги измислувате. Малку ви беа демантите од Луксембург, си рековте дајте да ги мобилизираме и Данска и Холандија, со алузија дека дискретно го поддржувале ветото на Софија. За одлуките на трети држави виновна е македонската Влада, но ако случајно има добра вест од надвор заслужни сте биле вие. Па и тоа како да не беше доволно за пасионираните колекционери на деманти на вашите зборови, најдовте начин како и Словачка и Чешка да ве прозиваат дека вие ама баш никако не сте придонеле за нивната одлука да застанат на страната на европските принципи. Небаре демантите од земјите членки ви се ордени кои ги закачувате во Белата Палата, а не документиран резил од кој секој би се срамел. Ако не ја сфатите сериозноста во која се доведувате и вие како личности, партијата, но и земјата, ќе останете само она што и бевте – лажни патриоти кои за да дојдат на власт, би застапувале и антимакедонски ставови, кои впрочем можеби секако и ги имате“, рече заменик-претседателот во Владата Димитров.

Димитров потенцираше дека интерпелацијата е полна со апсурди како на пример обвинувањето дека не испорачал преговори по цена на одбрана на македонскиот јазик за да можат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница и од јавните настапи да го обвинат за предавство на националните интереси.

„И сега, кој кого манипулира? Јас, кој доследно ги презентирам наодите од ЕУ, секогаш до детали прецизен за квалификациите и околу одлуките и заклучоците, и оценките на извештаите, акцентирајќи ги и областите кои треба да ги унапредуваме, или вие со очигледно елементарно непознавање на процесите, но со неизмерна желба за лоши вести за земјава и—еве уште едно признание за вас—со беспрекорна умешност да бидете први во лажното известување на јавноста за некаков си имагинативен пораз, за кој ги каните на заедничка прослава. Ние ги земаме жешките костени в раце, вие се радувате на секоја можна изгореница“, нагласи заменик-претседателот на Владата Димитров.

Во елаборацијата на фактите за договорот со Бугарија Димитров потсети дека европските лидери и САД во еден глас го оценија како инспирација за целиот регион и голем чекор кон ЕУ за нашата Македонија, Северна Македонија. Во март 2020-та, Европскиот совет ни даде безусловно зелено светло за почеток на пристапни преговори. Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен притоа кажа дека ЕУ ги исполнува своите ветувања, за во септември во годишното обраќање до ЕП да додаде: одлуката беше историски чекор. Во ноември по клучниот Совет за општи работи со кој претседаваше, германскиот министер за Европа Михаел Рот изрази огромна разочараност од бугарската блокада, дека тоа е горчлив удар за европските политики кон Балканот и дека сите земји членки освен Бугарија ја поддржале Преговарачката рамка за Северна Македонија.

„Во договорот јасно стои дека потписниците се обврзуваат да помогнат, а не да го блокираат нашиот пат кон ЕУ и НАТО. Моја работа е да ги преговарам и направам договорите да бидат во најдобриот интерес на нашата држава. Јас не сум одговорен ако некоја држава одлучи да не го почитува договореното. Второ, НАТО и ЕУ се стратешка определба на 80% од граѓаните, како тоа работејќи за тие цели и остварувајќи ја едната, јас ги изневерувам или носам во заблуда? Не, господа, не сум јас во заблуда, ниту 80% од граѓаните се во заблуда, ниту целиот свет е во заблуда, кога ја посочува нашата надворешна политика како светол пример за тоа како треба да се решаваат отворени прашања. Единствени во заблуда сте вие, изолирани, сами, во мрачното самозалажување дека сопките на овој пат и саботажите на овие процеси, некако ќе ви донесат некој политички поен плус“, истакна од политичката говорница заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Димитров ги повика пратениците на опозицијата да не прават од клучното прашање за иднината на земјата дневно-политички перформанси и одговорно да се вклучат во овие процеси поддржувајќи ги принципиелните позиции на земјата.

Во продолжение на своето обраќање како одговор на иницијативата за интерпелација Димитров се осврна и на делот кој се однесува на наводната пасивност на Секретаријатот за европски прашања со што е покажано елементарно непознавање на работата на таа институција која, во суштина ги координира подготовките за членство во ЕУ, процесот на подготовка на македонската верзија на правото на ЕУ и ја координира странската помош.

„Значи, координација, координација, координација. Што ви говори фактот што земјата, во последниот Извештај за политичките критериуми е оценета најдобро од сите земји, не само кандидати, туку и од оние кои преговараат, со оценки од 3.35 за вкупен напредок, и 2.83 за вкупна подготвеност, најдобро од сите земји во тој извештај? Дали е тоа знак на пасивност, или објективен успех? Дали е потребно да се потсетиме на тоа како изгледаа извештаите во ваше време? Како, со наводната „пасивност“, изјавите за „заробена држава“ се претворија во изјави за „светол пример“?“, истакна Димитров.

Тој укажа на фактот дека Северна Македонија прв пат после две децении обиди има позитивна политичка одлука и нацрт-преговарачка рамка. Сеопфатна реформска агенда, која е план за европеизација и согласно рамката од „Акција 21“ содржи клучни реформски приоритети, идентификувани во соработка со ЕК, како демократија, владеење на правото, управување со јавни финансии, реформа на јавната администрација, но и конкретни поглавја од европското законодавство кои се приоритетни за нашите граѓани како животна средина, енергетика, транспорт, заштита на јавно здравје и потрошувачи, политика на конкуренција, дигитализација. За секој приоритет идентификувавме активности, надлежни институции и динамика на реализација за да обезбедиме спроведување на овој план со кој ќе си ја донесеме Европа дома и со кој веќе ги почнуваме реформите од преговорите на домашен план.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во своето обраќање детално објасни зошто е лага дека не сакал да се појави пред собраниската Комисија за надворешни работи, пред сé заради фактот што согласно деловникот на Собранието тој како претставник на Владата нема обврска да присуствува на работата на комисијата, но и покрај тоа, како и покрај неуредно и надвор од деловникот доставената покана, тој прифатил да учествува со онлајн присуство што било одбиено од страна претседателот на Комисијата за надворешни работи.

„Претседателот на комисијата, замислете, не може да организира ни покана навремено да достави, односно целосно потфрла во својата работа, а очекува министрите да му се на располагање во секое време да учествуваат во таков панаѓур на некомпетентност. Значи, тука очигледно е дека намерата не била да се одржи суштествена дебата, туку да се купат неколку минути и редови евтина медиумска кампања“, нагласи заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во своето прво обраќање од собраниската говорница по повод интерпелацијата за неговата работа што ја поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

фото: Архива

На почеток