Македонија

Основец победил на средношколски натпревар по математика, МОН не му дава награда

Осмоодделенец од основното училиште „Ванчо Прке“ во Штип го освои првото место на државен натпревар по математика, но не ја доби заслужената парична награда.

Фејсбук групата, Штипска идила, која има голем број на членови, ја објави веста за осмооделенецот Дамјан Давков, кој заедно со неговиот наставник не може да добие награда, иако е првак по математика, бидејќи бил во осмолетка, а се натпреварувал во ранг на средношколци.

Всушност, Дамјан Давков од Штип и неговиот наставник, иако се прваци во земјава на сите натпревари по математика, не успеале да ја добијат паричната награда, бидејќи прописите на Министерството за образование утврдиле дека детето е во осмолетка. Иако тој се натпреварува во конкуренција со средношколци и е најдобар, ова министерството сепак одлучило да не му ја даде наградата.

Еве што пишува на фејсбук групата.

„Се сеќавате ли на штипскиот Питагора, на детето чудо?

Нашата штипска, македонска гордост што ни ги топлеше срцата со неговите подвизи. Дамјан, уште од најниските одделенија се натпреваруваше со ученици неколку генерации поголеми од него и убедливо со максимален број на поени секогаш беше прв на натпреварите по математика. Иако е осмо одделение, тој се натпреварува со средношколци и таму е убедливо прв со максимален број на поени.

Најбитното.

Наместо ваквите чуда од деца, носители на медали од математички олимпијади да ги мотивираме, како би останале во државава, се случува невиден циркус. Имено во решението (видете сликата), на Дамјан не му следува парична награда од причина што е основец, а е државен првак по Математика во конкуренција на средните школи. Да потсетам дека Дамјан сега е осмо одделение.

Дамјан Давитков, ти си нашата гордост“, се вели во постот на оваа фејсбук група.

Образложението од Министерството за образование, потпишано од министерката Мила Царовска, наједноставно кажано, гласи: „Нема награда за ученикот оти натпреварот бил за средношколци“.

Парична награда нема ниту за неговиот ментор, наставникот што го подготвувал осмоодделенецот за натпреварот, бидејќи бил наставник во основно, а не во средно училиште.

Од Министерството за образование одговараат дека повторно ќе го преиспитаат случајот, а по жестоките реакции во јавноста, било одлучено ученикот да добие 15 илјади денари од Општина Штип и признание за почесен граѓанин на општината.

„МОН презема обврска за повторно да го преиспита целиот случај во врска со постапката за доделување парична награда за ученикот и наставникот ментор, но и постапката и начинот на кој е организиран самиот натпревар од страна на здружението на наставници, кое ја има акредитацијата за организирање на натпреварите по математика. Несомнено дека се работи за талентиран ученик, кој заедно со својот ментор вложил многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувале. Но, законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. Сепак, во соработка со локалната самоуправа во Штип, ученикот ќе биде поддржан со еднократна парична награда од 15 илјади денари и признание за почесен граѓанин на општината“, велат од Министерството.

фото: Агенции

 

 

 

 

 

 

 

 

 

На почеток