Актуелно

Еко-Свест: Соларните панели штедат пари, но ја штитат и животната средина

Со околу 280 сончеви денови во годината и околу 1700 киловат часови сончево зрачење на метар квадратен, Северна Македонија спаѓа во земјите со најголемо сончево зрачење во Европа, но не и во земјите кои најмногу ја користат соларната енергија.

– Искористувањето на сончевата енергија може да биде преку нејзино претворање во топлинска и електрична енергија. Оваа енергија е многу значајна бидејќи при нејзиното производство не се загадува животната средина. Производството на соларна електрична енергија со фотоволтаични панели во последниве години е многу актуелна, цената за поставување на ваквите системи веќе е навистина прифатлива а повратот на инвестицијата е само неколку години што го потврдуваат сите корисници како и компаниите кои ги нудат овие услуги. Северна Македонија се наоѓа на многу поволна географска положба каде сончевото зрачење е големо и погодно за инсталирање на соларни системи за искористување на сончевата енергија, но за жал таа многу малку се користи, велат од Еко-Свест.

На пример, Австрија и Германија произведуваат 100 пати повеќе електрична енергија од сонцето иако имаат 30 до 40% помало сончево зрачење во споредба со нашата земја.

– Сончевата енергија може да се користи засекогаш. Можните примени се многубројни, а притоа се заштедуваат пари, се зголемува независноста и се намалуваат негативните влијанија кон околината. Оваа обновлива енергија им дава дополнителна вредност на земјоделските производи. Сончевата енергија ги намалува сметките за електрична и за топлинска енергија. Сончевите топлински колектори може да се користат за сушење на полјоделските производи, за домовите, за оранжериите, појаснуваат од Еко-Свест.

Сончевите системи за загревање на вода обезбедуваат топла вода за потребите на домаќинствата, а Фотонапонските системи можат да задоволат дел од потребите за електрична енергија во земјоделството, како, на пример, за пумпање вода, за осветлување, за електрични огради итн. Применетиот тип на сончев систем зависи од формата на потребната енергија за конкретна технологија.

Еко-Свест работи на забрзување на енергетската транзиција заради ублажување на климатските промени преку проектот „Промовирање на енергетска транзиција во С. Македонија” финансиски подржан од CEE Bankwatch Network, како и во рамките на проектот „Да зборуваме за климатските промени”, спроведуван од Еко-Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, финансиран од Европска Унија.

фото: Еко-Свест

На почеток