Актуелно

Општина Центар: Нема да дозволиме приватно средно училиште во ООУ „Киро Глигоров“

Општина Центар ги демантира информациите во јавноста, дека наводно во ООУ „Киро Глигоров“ ќе отпочне со работа приватнa гимназија. Општината ја информира јавноста дека такво нешто нема да дозволи.

„Ставот на Општина Центар во однос на приватната гимназија во ООУ „Киро Глигоров“ е дека не треба да има мешање на децата. Овде изградивме ново, модерно, современо основно училиште, кое треба да биде пример, а не пречка во образовниот процес. Приватно средно образование во основно училиште нема да дозволиме“, вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Законските норми го наложуваат следното: За тоа дали во ООУ „Киро Глигоров“ ќе има или ќе нема приватно средно училиште не одлучува ниту Советот, ниту општината како тело, туку само училишниот одбор. Во училишниот одбор членуваат наставници од училиштето, советници од Советот и претставници на родителите на децата кои посетуваат настава во училиштето.

ООУ „Киро Глигоров“ е првото основно училиште изградено во Општина Центар по повеќе од 50 години и прво воопшто во населбата Капиштец. Училиштето, кое се простира на 16.100 метри квадратни, е изведено по сите современи образовни стандарди за квалитет. Во состав на училиштето има 21 училница со изведена акустика на простор, 7 специјализирани кабинети за предметна настава, спортска сала и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал.

Во рамките на училиштето сместен е и Дневен центар за деца со церебрална парализа. Со оваа содржина ООУ „Киро Глигоров“ е и првото инклузивно училиште изведено согласно стандардите и потребите за лица со попреченост.
Oва училиште го реши повеќе деценискиот проблем на жителите од Капиштец, кои повеќе не ги носат своите деца во училишта во другите населби, затоа што имаат современо и модерно училиште во својата населба.

Фото: Општина Центар

На почеток