Бугарската агенција „БГНЕС“ објави дека Стевица Јанева, која наводно е сестра на Рози Мицкоска, сопруга на Христијан Мицкоски има бугарско државјанство. Агенцијата пишува дека овој факт го потврдиле откако виделе во избирачките списоци за претстојните парламентарни избори во Бугарија, стои името на сестрата од сопругата на Мицкоски, објави bgnesagency.com.
„Стевица работи како нотар во градот Струмица, има бугарски пасош. Овој важен документ може да го добие само врз основа на докажано бугарско потекло и да се самоопредели како Бугарка. Стевица Јанева е на списоците за претстојните парламентарни избори во делот 47 од општината Петрич, што е оддалечено само неколку километри од нејзината родна Струмица. Нејзиниот сопруг Јорданчо Јанев е сопственик на најголемиот ресторан во центарот на Струмица. Тој е исто така бугарски државјанин и се појавува на избирачките списоци, само во Благоевград. Доколку сака, може да го искористи своето право на глас во делот 25 во Второто основно училиште ‘Димитар Благоев’, стои во текстот на „БГНЕС“ објавен на веб-страницата bgnesagency.com.
Дополнително во текстот се додава и „дека ако Стевица Јанева, сестра на Рози има бугарско државјанство врз основа на докажано потекло, бидејќи такво се дава само ако нејзините предци се Бугари, тогаш и Рози Мицкоска е Бугарка“.
извор: bgnesagency.com.