Иницијативата на Министерството за култура и последователните „активности“ на владата в.в. со дивјачки, насилно и преку ноќ (во полициски час!) срамнетиот со земја „Парк“ – не се ништо повеќе од контрола на штета. Но не контрола на штетата направена врз природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Контрола на штетата врз рејтингот, врз политичкиот капитал на партијата на власт!
Повторно ќе основаат комисии за да „решаваат“ проблеми. Дефиниција за лудило е одново и одново да се повторуваат исти постапки, а да се очекува различен резултат! И на врапчињата им е јасно дека формирањето комисии и правењето планови се стандардните импотентни алатки што веќе со децении ги злоупотребуваат македонските заробени институции кои ниту се способни ниту се заинтересирани да посегнат по вистинските решенија. А тие решенија се толку едноставни и не, не се состојат од вечно состаночење и правење план за планот со јавни пари. Вистинските решенија се состојат од храбри чекори за сосекување на криминалот и корупцијата. Се состојат од одлучни напори за темелно отстранување на сиот наталожен гнилеж, пишува во објавата на ФБ Охрид SOS.
Во продолжение на објавата од Охрид SOS додаваат:
Тоа значи:
– иницијативи по службена должност за итни инспекциски надзори
– објективно извршени инспекциски надзори
– кривични пријави по службена должност, вклучително и особено за активни носители на функции што го прекршиле законот
– поднесување обвинителни акти по службена должност, вклучително и особено за активни носители на функции што го прекршиле законот
– правично и објективно судско процесирање на обвинителните акти и ригорозни максимални казни за прекршителите на законот, вклучително и особено за активни носители на функции
Зошто не предложило Министерството за култура внатрешна контрола во Управата за заштита на културното наследство и во Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид? Само Охрид ЅОЅ јавно објави за најмалку 3 прекршувања на законите при издавање мислења и одобрување планови и проекти од овие две установи. Зошто не се разрешат веднаш раководните лица на овие две установи кога е толку евидентно нивното несовесно работење? Дали Министерството за култура со поднесувањето на информацијата до влада кога вели „ќе дава стручна помош за мислењата и за актите изготвени од Управата за заштита на културното наследство“, конечно признава дека оваа институција е, всушност, нестручна? Сите знаеме дека веќе со децении македонските институции единствено се стручни во земање плата за својата врвна нестручност. Оттука, знае ли Министерство за култура воопшто како се справува со некомпетентност? Наместо итно разрешување и санкционирање, почнувајќи од раководни лица, па сѐ до послушни извршители и целосна ревизија на работењето, сега Министерството ќе чека истите тие кои докажано го прекршиле законот, да донесат некаква реформа.
Министерството за култура предложило, а владата прифатила „Министерството за транспорт и врски во рок од два дена да формира стручна комисија која ќе изврши увид во работата за Општина Охрид за процесот на издавање/спроведување на одобрението за градење“. Во рок од два дена Министерството за транспорт и врски да постапеше преку Инспекторатот за градежништво и урбанизам во својот состав, за што имаше повеќе од доволно време – речиси цел месец – едно архитектонско ремек-дело, еден редок примерок на современата архитектура од ХХ век во Македонија немаше да биде преку ноќ срамнет со земја како да живееме во завојувано подрачје во ран палеолит.
Само нецивилизирани дивјаци може да постапуваат на овој начин со културно богатство и да оставаат неговото уништување да поминува несанкционирано со што создаваат совршени услови за неприкосновено владеење на урбаната мафија, башибозук и безредие.
Јавен службеник и слуга на мафијата се две неспоиви и меѓусебно исклучиви функции. Македонските функционери повеќе немаат простор да бидат второто, додека глумат, многу провидно, дека се првото!
извор: Охрид SOS