Македонија

Џафери ги пријавил сите 120 пратеници да се вакцинираат: Нели дел беа заразени и имаат антитела?

Џафери нема информации колку од нив ќе се вакцинираат. Тој испратил целосен список и секој од пратениците си добил термин, а колку од нив ќе се појават, како што вели, е нивна одлука. Во салата А1 Арена во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје утрово почна вакцинацијата на пратениците. Тие, како што соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, се имунизираат со вакцината „Спутник В“.

„Денеска како дел од вработени во критична инфраструктура ќе се вакцинираат пратениците и дел од стручните служби кои не се вакцинираа претходниот пат. Ќе ја примаат вакцината на ’Спутник‘ и денеска процесот е организиран во три групи. Паралелно со нив, во салата тече и вакцинацијата на постарите граѓани над 73 години“, рече Филипче.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, очекува дека по имунизацијата понатаму и со втората доза, работата на законодавниот дом да се врати во нормала.

„По втората доза која ќе ја земат ќе се овозможи посоодветна работа на Собранието и се надевам од втора половина на мај да се врати нормалниот начин на работа на Собранието секако почитувајќи ги и понатаму одлуките и протоколите“, вели Џафери.

Тој нема информации колкав е интересот кај пратениците односно колку од нив ќе се вакцинираат. Како што рече, тој испратил целосен список и секој од пратениците си добил порака и термин во која група и на кој пункт треба да се вакцинира.

„Нивна одлука е кој ќе дојде. Сите се предвидени, а кој како ќе одлучи е нивно“, вели Џафери.

На почеток