Македонија

МОН: Со новиот закон за учебници ниеден ученик нема да биде исклучен од наставата

Со новото законско решение, кое предвидува комбиниран модел на примена на учебници и други наставни и дидактички материјали, ниеден ученик нема да биде исклучен од наставата, соопшти Минисерството за образование и наука. Исто така, учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, а за учениците од четврто и погорните одделенија приоритетна опција се дигиталните учебници и условите за нивна употреба ќе му бидат овозможени секому.

Реакцијата на МОН следува по преземената иницијатива на група родители за повикување на учениците да ја бојкотираат наставата што ја организираат училиштата.

„Неоправдано е да се бојкотира за нешто што ќе донесе подобар квалитет на образованието и голем број придобивки што младите од другите поразвиени земји веќе ги чувствуваат затоа што процесот на дигитализација на глобално ниво е веќе одамна почнат“, соопшти МОН.

Од таму додаваат дека законски е обезбеден пристап до учебниците што ученикот треба да ги користи. Па, така, за учениците што се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците што поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. Првпат се обезбедуваат и учебници во аудиоформат, а воедно се печатат и учебници на Брајово писмо.

Од МОН апелираат до граѓаните што се дел од оваа иницијатива да не ги вовлекуваат учениците во нешто што ќе им наштети на училиште и ќе им создаде празнини во знаењето.

На почеток