Македонија

Нема договор по средбата на МОН и родителите, има само најава за нова средба

Средбата на претставници на фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има“ со претставниците на Министерството за образование и наука заврши без заклучок, откако незадоволните граѓани го образложија нивното барање за стопирање на носењето на новиот закон за учебници во основно и средно образование, поради кое од минатиот четврток повикуваат и на бојкот на наставата.

Претставничката на групата граѓани, Драгана Спасевска, по средбата, изјави дека тие не биле компетентни за сите нивни барања и оти треба да бидат вклучени и претставници од Бирото за развој на образованието и од СОНК. Им било кажано дека, откако ќе се консултураат со нив, ќе ги поканат на нова средба од идната недела. Бојкотот на наставата дотогаш ќе биде ставен во мирување, но најавија дека ќе протестираат доколку нема средба или не им се исполнат барањата. На денешната средба не присуствуваше министерката за образование и наука Мила Царовска.

Фејсбук-групата со над 70.000 приврзаници побара хартиените учебници да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование и задолжително нивни претставници и од граѓанскиот сектор да учествуваат во работната група за измени во Законот.

 

фото: Архива

На почеток