Македонија

Познато што наводно пишува во белешката на тајната полиција поради која Камчев заврши во затвор

Во белешката пишува дека Камчев во Берово имал средба со бугарски државјанин и разговарал за бегство во Бугарија каде имал болница и сопствен стан. Ова се случувало од 12 до 14 февруари. Одбраната на Камчев потврдува дека тој има болница во Бугарија, што воопшто не е тајна затоа што е тоа јавен податок објавен и на интернет страницата на Орка холдинг. Камчев нема стан во Бугарија, а и таква средба не се случила, велат неговите адвокати, објави МКД.МК.

Според нив, најскандалозно во овој случај не се ваквите наводни докази, туку недавањето на оваа белешка на одбраната и решенијата на обвинителството и судот донесени врз основа на само една усна белешка, без никакви докази.

Одбраната на Камчев веќе два месеци тврди дека АНБ нема законско овластување за следење на еден бизнисмен, дека нема никакви законски овластувања зошто АНБ би го следела и обработувала Камчев, ако се знае дека нивна работа, според Законот за Агенцијата за национална безбедност, е собирање, обработување, анализирање, проценување, разменување, чување и штитење податоци и информации со цел откривање и спречување на активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата согласно член 4 и тоа шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам и други активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата…, дела кои ја загрозуваат националната безбедност на државата.

Во белешката пишува дека Камчев бегството го подготвувал помеѓу 12 и 14 февруари. Притворањето на Камчев се случи на 14 март. „Каква дојава добила АНБ еден месец подоцна за да ја достави оваа информација до обвинителството со кое се бара притвор еден месец по средбата во хотел Аурора во Берово? Зошто се чекало? Што се сменило на 14 март за да го приведат на ваков скандалозен дилетантски начин“, прашуваат адвокатите.

Официјално, белешката на АНБ одбраната на Камчев и натаму ја нема, а не била дадена на увид и на членовите на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ затоа што истрагата била во тек.

Текстот во целост на:  МКД.МК.

На почеток