Македонија

Заев: Под покровителство на Португалија и ЕУ очекуваме решение до крајот на јуни на кое се работи веќе пет-шест месеци

Премиерот Зоран Заев за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, говорејќи за интензивните меѓународни средби изминатиот период, за процесот на остварување на аспирациите на нашата земја за членка на Европската Унија, оцени дека е сосема јасно дека се гради стратегија како Унијата да го врати својот кредибилитет.

„Со лидерите на ЕУ зборувавме за Западен Балкан и перспективите. „Kабаетлукот“ на ЕУ е недвојбен и се градат стратегии како конечно Европа да го врати својот кредибилитет овде. Сите знаат дека ниту една земја, аспирант за членка на Унијата не чекала толку долго како нас. Шеснаесет години“, вели Заев, кој изрази оптимизам дека во наредниот период во разговорите на челниците на Португалија која претседава со Унијата и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со двете страни, нашата и на Бугарија, ќе се направат чекори и ќе се оствари Првата меѓународна конференција кон крајот на јуни.

Премиерот Заев во утринското интервју, подвлече дека Брисел е запознаен со црвените линии поставени од наша страна и нема отстапување по однос на јазикот и интегритетот.

„Граѓаните треба да ја согледаат реалноста. Бугарија има техничка влада, но тоа не значи дека не треба да направиме сѐ за да се најде решение. Мислам дека и за бугарската страна е добро да се изнајде решение. Граѓаните на изборите им порачаа дека политики кои носат непријателство, блокади и кочници не се поздравени и подржани. Впрочем и претседателот Радев кој многу често зборува за европеизација, европските манири треба да ги направи овие чекори. Не сакам да ги креваме нереално очекувањата па после пак да бидеме скршени, но оваа година треба да направиме пробив“, рече Заев за Слободна ТВ.

Тој истакна дека, новината е дека португалското претседателство разработува цела една стратегија со која што ќе настапи пред Софија и пред Скопје.

„Верувам дека до крајот на оваа недела тоа ќе се случи. Ги знаат нашите црвени линии, бевме во Брисел и им рековме: Ако го чепнете македонски идентитет и јазик тргнете нѐ од преговорите. За идентитет никој никогаш не разговарал“, ги повтори премиерот Заев ставовите на македонската Влада, притоа изразувајќи надеж дека во Бугарија на изборите ќе се формира влада со која што ќе може да разговара, иако како што нагласи тоа не значи дека за разговори треба да се чека терминот во септември кога се очекува формирањето на владата во Софија.

„Ние и сега треба да разговараме. Двајцата претседатели ќе разговараат. На 26 мај се заедно во Ватикан. Ние преку португалското претседателство и еврокомесарот Вархеји разговараме како влади. Очекувам до крајот на неделата министерот за надворешни работи на Португалија која што е претседавач со ЕУ и комесарот да одат во Софија и да дојдат тука и да соопштат решение на кое што работат веќе пет-шест месеци“, истакна премиерот Заев.

На почеток