Магазин

Познати земјите каде Македонците ќе одмораат годинва, цените поскапи од минатите години

Со намалување на бројот на новозаболени од Ковид-19, поголемиот број на вакцинирани и олеснувањето на условите за патување, полека се зголемува интересот на македонските граѓани за летување. Туристичките агенции кои ги контактираше МИА велат дека интерес има, особено за туристичките места во кои традиционално летуваат македонските граѓани.

Атрактивни за летниот период остануваат Грција, Турција и Албанија.

Генерално, негативниот ПЦР тест или сертификатот за вакцинација се задолжителни, освен за Албанија и Црна Гора, каде засега на граничните премини не се бараат посебни документи за влез во земјата. Црногорските власти дури најавија дека целосно на државен трошок ќе биде покриено и болничкото лекување доколку некој турист заболи од Ковид-19.

За патување кај јужниот сосед, како можност за влез, остануваат и досега познатите правила задолжителен сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето. Како опција за влез останува и приложувањето на потврда за прележан коронавирус. Новата опција, односно негативниот резултат од брзиот тест треба да биде направен до 48 часа пред пристигнувањето во Грција. Задолжително е и пополнувањето на PLF формуларот кој може да се најде на сајтот https://travel.gov.gr. Овие обврски ќе важат за сите лица со наполнети 12 години и постари.

Годинава, според информациите од туристичките агенции, цените за сместување се за нијанса поскапи од порано.

За Грција, се нудат аранжмани од наеми за студија до хотелски сместувања, додека аранжманите за Турција главно се за хотелско сместување со четири или пет ѕвездички, со чартер летови или автобуски превоз вклучен во цената. Во Албанија, може да се најде приватно сместување, додека во хотелите најчесто сместувањето е на база ноќевање со појадок. Во Црна Гора, според најавите на туристичките организации од оваа држава, цените ќе бидат исти или слични како во 2019 година.

За поегзотичните патувања како оние за Малдиви, Занзибар, Бали, Сејшели и Куба, интересот е помал, велат од туристичките агенции.

На почеток