Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Охрид беше домаќин на церемонијата по повод свечено усвојување на Регионалниот патоказ за борба против корупција и нелегални финансии.
Тој во своето обраќање забележа дека седум години по Берлинскиот процес како платформа за соработка, односно неговата Управна група за преземени обврски од областа на безбедноста, регионот на Западен Балкан е на чекор поблиску до европската интеграција, остварувајќи реален прогрес во реформскиот процес, решавајќи дури и некои долгогодишни билатерали отворени прашања, каков што е случајот на Република Северна Македонија.
„Борбата против корупцијата и нелегалното финансирање опфаќа широк спектар на области на дејствување и повеќе засегнати страни на национално, регионално и на меѓународно ниво. Координирањето на ангажманот во сите овие области и на сите овие засегнати страни би било обемно и нецелисходно, но еден насочен пристап, со утврдени заеднички приоритети, при што нивната реализација ќе се одвива постепено, е нешто што би било поефективно и реално изводливо. Токму овој пристап го усвојуваме со документот кој што денеска го одобривме, испорачувајќи Регионален патоказ, кој се фокусира на подобрување на имплементирањето на постојните мерки за борба против корупција и нелегално финансирање, преточени во неколку приоритетни области“, истакна министерот Спасовски, посочувајќи дека додадена вредност на овој процес е што основата за Патоказот се постоечките меѓународни стандарди, препораките на сите релевантни меѓународни фактори и, секако, условите кои треба да се исполнат за пристапување кон ЕУ.
„Почетокот кој што го иницираме сега е доказ дека постои подготвеност и, пред сѐ, политичка волја за сузбивање на корупцијата и нелегалните финансии во регионот на Западен Балкан и тоа преку вистинска регионална сопственост“, порача министерот Спасовски.
Имајќи предвид дека на церемонијата присуствуваа колеги од земјите од Западен Балкан, засегнати како од предметната област, така и од теми на споделен интерес, министерот Спасовски ја искористи можноста да реализира две билатерални средби.
Во рамки на првата билатерална средба на министерот Спасовски со косовскиот колега Џељаљ Свечла беше потпишан Протоколот меѓу министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Република Косово за поддршка и соработка во областа на заеднички обуки. Целта на овој Протокол е воспоставување на заедничка соработка во насока на поддршка на стратешките цели за обука и развој на ниво на професионална и континунирана едукација во областа на јавната безбедност и во областа на полициското работење.
Министерот Спасовски оствари средба и со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Селмо Цикотиќ, со кој разговараа на повеќе теми, меѓу кои и за Иницијативата за склучување Протокол меѓу двете министерства за соработка во областа на заедничките обуки, преку кој ќе се регулира развивањето, координацијата и спроведувањето на програми на ниво на професионална и континуирана едукација, студиски посети за советување и координирање стандарди, обука, развивање на наставни програми, поддршка на менторство, како и размена на информации, искуства и можни заеднички проекти.
Двајцата министри разговараа и за Иницијативата за склучување Протокол меѓу двете министерства за формирање Заеднички работни тимови, со што ќе се придонесе кон остварување директна соработка помеѓу двете полиции и нивните работни тимови од аспект на преземање дејствија на териториите на двете држави, а се однесуваат на размена на информации за конкретни кривични дела за осомничени лица или сторители, за резултати од криминалистички истраги, за искуства кои се однесуваат на појавата на нови кривични дела, за заеднички операции или дејствија и можните закани, како и соработка во следење на осомничени лица и потрага по лица кои имаат поврзаност со кривични дела и вршење дејствија за идентификување на лица.
Трета област за која дискутираа, а која всушност е постојано и насекаде присутна, е трговијата со луѓе. Со цел интензивирање на соработката во оваа област, од страна на министерот Спасовски беше иницирана постапка за склучување меѓусебен Договор/Протокол за соработка во борбата против трговијата со луѓе. Склучувањето на еден ваков документ ќе придонесе кон зајакнување на соработката помеѓу државите, а со тоа и интензивирање на размената на информации во однос на идентификацијата на (потенцијални) жртви на трговија со луѓе, нивната помош, заштита, како и гонењето на сторителите на овој вид криминал. Вакви документи нашата држава веќе има склучено со Република Албанија, Република Србија, Црна Гора, Република Косово и Република Бугарија, а во тек е спроведување ваква постапка и со Република Грција.