Ефикасното исполнување на Договорот за пријателство да биде дел од Преговарачката рамка за Mакедонија, Скопје да ги повлече малцинските претензии кон Бугарија, да се рехабилитираат жртвите на југословенскиот комунизам и да се адаптираат учебниците за да ја одразуваат заедничката историја, се барањата од Софија до македонските власти, објави БГНЕС.
Бугарија на последниот Совет за општи работи не даде зелено светло за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, но даде преодна оценка за постигнувањата на Албанија во процеос на реформи и кажа „да” за преговарачката рамка за Албанија.
Според БГНЕС, за време на средбите на премиерот Зоран Заев на 17 јуни 2021 година во Софија со претседателот Румен Радев и премиерот Стефан Јанев, како и во разговорите меѓу министрите за надворешни работи Светлан Стоев и Бујар Османи, Македонија изразила подготвеност да ги исполни следниве обврски:
– Во најкус рок Скопје да потврди во ООН, во согласност со чл. 11 ст. 3 од Договорот за соседство дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не на географскиот регион „Северна Македонија“, од кој дел се наоѓа границите на Бугарија. По испраќањето на оваа вербална нота, Бугарија веднаш ќе престане да инсистира на употреба само на долгото име „Република Северна Македонија“ во ЕУ и меѓународните организации;
– Република Северна Македонија конечно да ги повлече своите малцински претензии кон Бугарија, потврдувајќи дека не постојат историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство за која било група на луѓе кои не се нејзини граѓани на територијата на Република Бугарија. Ова би било во согласност со клаузулата за немешање во внатрешните работи на Бугарија, утврдена во чл. 11 ст. 5 од договорот од 2017 година;
– Република Северна Македонија да започне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија поради нивната бугарска самосвест. Овој историски гест од страна на Република Северна Македонија во пракса би го одразувал нашиот заеднички европски цивилизациски избор;
– Република Северна Македонија да ја прилагоди со Бугарија содржината на нејзините наставни програми со цел објективно да се одразува нашата заедничка историја, поставена како централен елемент во Преамбулата и член 8 ст. 3 од Договорот за соседство, како и со цел елиминирање на образовната содржина што предизвикува омраза кон Бугарија (чл. 11 ст. 6);
– Идентификување, заедно со Бугарија, и отстранување на табли и натписи на територијата на Република Северна Македонија, кои предизвикуваат омраза кон Бугарија и Бугарите.
Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев денеска испратил писмо до македонскиот министер Бујар Османи, во кое изразил „очекување за исполнување на преземените обврски од Република Северна Македонија, како и подготвеност на бугарската страна да се најдат трајни и одржливи решенија”.