Министерот за здравство на Велика Британија, Мет Хенкок е снимен како ја бакнува својата колешка Џина Коладанџело и стана мета на критики за можна афера, но и за кршење на мерките воведени за спречување на ширењето на пандемијата.
Британските медиуми објавија видео во кое Хенкок и Џина биле фатени како се бакнуваат во неговата канцеларија. Снимката е наводно направена минатиот месец.
“Прифаќам дека ги прекршив упатствата за социјална дистанца во овие околности. Разочарав многумина и многу ми е жал”, рече британскиот министер за здравство, цитиран од медиумите.
Лицето кое ги препратило снимките до британските таблоиди додало дека е шокантно што Хенкок имал афера среде пандемија со советничка и пријателка што ја ангажирал користејќи народни пари.
„Тие се обидуваа да го сокријат тоа долго време, но веднаш беше откриено во зградата“, додал изворот. Мет Хенкок е во брак 15 години и има три деца, а Коладанџело минатата година добила позиција советник, во услови на пандемска криза.