Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, во однос на критиките кон судството, рече дека не може да се исклучи фактот, дека во една судска постапка освен судија професионалец, учествуваат и судии поротници кои се претставници на граѓанскиот сектор со право на глас исто како и судијата. Тој својот став го сподели на јавната дебата „Истражување и анализа на состојбите со корупцијата во правосудството“ во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата.
– Никаде не зборуваме за успесите. Во едно време на пандемија, која трае две години, во нашиот сосед Грција судовите се под клуч. За разлика од нив, кај нас се суди и инсистираме да дојдеме до правдата и да се завршат предметите. Во овој период се завршија голем број предмети. Никаде нема пофалба, и не е убаво сами да се фалиме, рече Џолев.