Во воведниот збор на обвинителката Лиле Стефанова за “Плацевите на Водно”, таа откри дека екс премиерот Никола Груевски на плацот на Водно сакал да гради куќа во барок, објави Фокус.мк.
-Овој предмет можеби никогаш да не беше отворен, доколку не беа “бомбите”, кои беа и јавно објавени. Груевски беше премиер повеќе од 10 години. Во целиот овој период негуваше имиџ на лице кое е безимотно, живее во станот на својата мајка, нема возило и има само заштеда од плата. Е содржините од овие разговори, како основи на сомнение, упатуваа на сосема на друга слика и фактичка состојба. Тој поседува имот кој за својот мандат го стекнувал, но го запишувал на други имиња. Ова ќе го докажам со сослушување на сведоци кои купувале имот на име на фирми, специјално за таа намена.
Ќе докажам дека во зградата во која живеел купил стан и го запишал на име на сведок кој ќе биде сослушан. Во 2009 го купил и четвртиот стан од истата зграда и го запишал на име на фирма. Во доказната постапка ќе изведеме материјални докази, од кои судот ќе се убеди дека Груевски во 2009 година за себе обезбедил плац од 2.700 метри квадратни, до резиденцијата на Вилма Трајковска. Ќе ги презентираме и проектите за куќата, која секако е во барокен стил, а требало да биде изградена. Обезбедил и два плаца во Крушево. Влијаел да се изменат закони, за да може да се продаваат шуми и земјоделско земјиште за да се градат викендици. Овие плацеви биле на име на неговиот кум, Ристо Новачевски, истакна обвинителката Лиле Стефанова.
извор: Фокус.мк.