Македонија

Укинување на редарите во објектите, бараат угостителите со факти

Независната угостителска комора веднаш по објавувањето на одлуката од страна на Владата излезе со ставот дека истата е неприменлива и неспроведлива од страна на угостителите без соодветна законска регулатива и продолжени и пренесени овластувања кои во моментов ги нема.

„Со цел да се спречи деградација и селекција на вакцинирани и невакцинирани гости и да се овозможи на сите јавни објекти – угостителски објекти да бидат достапни подеднакво на сите граѓани, домашни и странски гости Комората достави барање до Владата за веднаш укинување на одлуката за задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект на отворено, вклучително и во угостителски објекти“, соопштија од Комората на угостители.

Во барањата до Владата потенцираат дека угостителските објекти се јавни достапни подеднакво на сите граѓани, домашни и странски гости и поголемиот дел од истите немаат услови да вршат деградација и селекција на вакцинирани и невакцинирани гости.

„Ниту т.н. нови редари, ниту  кој било инспектор, ниту угостителите и вработените во угостителските објекти имаат законска можност или овластување и право да вршат проверка на лицата за нивната состојба на вакцинација со приложување  потврда за извршена имунизација, медицинската состојба на граѓанинот и гостинот е сензитивна информација и согласно законот за заштита на лични податоци со исклучок на службено лице и/или овластено лице – лекар нема право никој друг да врши проверка или прибирање на оваа информација ниту да врши селекција, односно дозвола за влез во јавен објект на граѓаните по основ на оваа состојба“, потсетуваат од Комората на угостители.

Со оваа одлука, додаваат од таму, неприфатливо е угостителските објекти да се ставаат во улога на експериментален филтер за да се провери дали и како системот на селекција на граѓаните може да функционира на вакцинирани и невакцинирани.

Тие бараат Владата веднаш да закаже седница со единствена точка на дневен ред со која ќе се укине одлуката со која се забранува посета и влез на невакцинирани во угостителски објекти.

На почеток